MK | EN

Текстови

Калемар

Кој ти ја кажа таа ука, Kалемару?
Кој ти ја предаде таа магија?

Кој те научи:
Да ги мешаш
Животите
Да ги преточуваш
Крвта и Соковите
Горчливото – слатко
Да го правиш
Киселото за благо
Да го менвиш?

Кој те научи:
На дивото – душа
Да му даваш
Питомото - од диво
Да создаваш

На староста
Младост
Да &  дариш
Во минато
Иднина
Да
Садиш

Кој те научи да калемиш
Кој ти ја кажа таа ука
Од кај ти е таа магија
Калемару?

Татко ми ја кажа!!!

А на татка ти
Кој му ја кажал?

Татко му
Му ја кажал...

Ило В. Гајтаноски
(Февруари 2008)
 

 

Твојте очи Лено
(трад.)

Твојте очи Лено мори
Воденски черешни се
дај ми ги на мене
јаска да ги изедам

мерак Лено мори
мерак да помини
севда моја
севда да ми излези

Твојто усте Лено мори
Костурско кутивче е
дај ми го на мене
јаска да го отворам

Твојто лице Лено мори
Леринско симиче е
дај ми го на мене
јаска да го изедам

Твојта снага Лено мори
Т`нка ем висока е
дај ми ја на мене
јаска да ја прегрнам


Змеј Горјанин
(музика: Е. Христова, текст: Д. Сибиновски)

Мома амајлија
алтан белегзија
низ гора пејала
Сл`нце си сакала

Заптисал е голем јунак
девет друми три клисури
грабил јунак лична мома
да ја има за невеста

Слобода...

Гора без ветрови
Сл`нце без светлина
прстен над прстена
мома не сакала

Запеала таа мома
запеала провикнала
по змејко е заплакала
да ја спаси сардисана

Подунал е ветер горјанино
долета ми змејко од небето
Лична мома змеј љубила
Змеј Горјанин ми засакала

Подунал е тии ветер
па си дигна таа мома
извиши ја в сино небо
над небето и Сл`нцето

Сл`нцето...
Подунал е ветер горјанино
Долета ми змејко од небето

 

Глас
(музика: Е. Христова, текст: Д. Сибиновски)

Врвам си јас през демира кон светлината
со својот глас си ја барам душичката
Да шепнам ќе ме чуе водицата.

Вивнав се јас во небеса вишно високо
со својот глас полетав над море широко
Да викнам ќе ме чујат ветровите.

Изгорев јас торжествено од светлината
со својот глас силно биев низ темнината
Да пејам ќе ме чуе оган-пламенот.

Ме слушнаја и душата ми ја вратија
Во својот глас за возврат ме заколнаја

Ако замолчам сал ќе ме чуе земјичката...

 

Ден
(музика: Е. Христова, текст: Д. Сибиновски)

Онаму Сонце се раѓа
а не е исток...
Стојам на крајот од светот
губам сила...

Од орото
од сестрите
си заминав од песните...
Самовила
горделива
да бидам не сакам
пеперутка
која нема да ја дочека ни
зората
дел од вечноста на овој
ден
пеперутка
која нема сила да ја види
зората
дел од вечноста на новиот
ден

Држи нè Сонце во денот
што ни сјае
Животот пламнат да гори
дур љубов трае

Вознеси ме
возљуби ме
ме имаш само овој ден...
Зазорува
Зарумени
Невиност на љубовта...

Од солзите се крилата на радоста...

 

Душа
(музика: Е. Христова, текст: Д. Сибиновски)

Мојта душа лита
мојта снага гори
бел бран што се ломи...
Мојта солза боли...

Мојта убост цути
мојта снага мами
рудо грло Он ми дари
мелем да ви биде...

В пранги снага клајте
душа мила вајте
бело грло не земајте
песна да остане...

Мојта душа лита
златни височини
мојта т`нка снага пламти...
Ноќта нека бега...

Псалм
(музика: Е. Христова, текст: В. Мартиновски)

Аирлија благ глас по зракот плови
Аабер ич што не се аби
Аирлија аманет од дамна
Абер од грла и од свирки

И биљбиљи песни што на сон пејат
И псалтири со безброј струни звучни
И кимвали ко гром од ведро небо
И дожд од едвај чујни звуци

Од лисјето во хор што нежно шуми
Езгија кожа што ни ежи
Узреваат стихој нови рожби
Утроби со радост што ни полнат

 

Чекор
(музика: Е. Христова, текст: В. Мартиновски)

Ајде побрзај качи се на планињето
Чекор над врвот
Ајде поитај фати се за облаците
Заиграј оро
Ајде полетај летај со бубамарине
Покани гости
Ајде побрзај скокни во соѕвездијана
Доцртај ѕвезда

Не чекај поитај не чекај полетај

Ајде поитај засвети со светулките
Светни во мракот
Ајде побрзај засвири со жегаците
Додади нота
Ајде полетај качи се над планињето
Чекор над врвот
Ајде поитај пушти глас по клисурине
Утре да ечи

 

Севда
(музика: Д. Сибиновски/Е. Христова, текст: трад. адаптиран од Д. Сибиновски)

Ми удриле свирки табуани
ми чукнале гласи, таламбаси
Застанала јасна месечина
и сонцето ем среде в неа

Со леснина пловам
Со ведрина одам

Дека ми е таа многу лична
дека ми е бело променета
дека носи девет ока ѓердан
девет ока се карагрошои

Ми преплива она сино море
ми испадна под зелени чаир
Каде стои јасно сонце грее
кај ми оди јасна месечина

Пие ли се река сунѓерлија
јаде ли се кула беглеџиска
јаде ли се ковчег сармалија
јаде ли се дрво зерзелија?

 

Јаворе
(трад.)

Ој јаворе, ти јаворе
највисоко дрво ти си.
Рашири си твојте гранки
од небето до земјата.
Да си седнам под јаворот
сладок ручок да си ручам
рујно вино да си пијам.
Рујно вино да си пијам
малој моме да си љубам
како душа шо ми сака.

 

Ѕвезда спуштена
(музика и текст: В. Мартиновски)

Дал ѕвездите се споиле
ил маглите се спуштиле
не е ни од ѕвезди
не е ни од магла
од што ли ќе е ова белило
видот што го одзема

Дал горите подгореле
ил булки се отвориле
не е ни од пламен
не ни од булки
од што ли ќе е руменилово
здивот што го открадна

Тук е сјајна булка невеста
од небо ѕвезда спуштена
лицето и блеска
снагата и пламти
в руба бела китно везена
за мене натокмена

 

Извор
(музика: Е. Христова, текст: Д. Сибиновски/Е. Христова)

Згасни тивко
ќе те покривам
паѓа ѕвезда
не се плашам

Мирно сонувај те вардам
ти ќе цутиш јас ќе дишам

Ќе ти посадам
бел бадем
ти ќе цутиш
јас ќе живеам...

 

Ој девојче
(трад.)

Ој девојче, ти тетовско јаболче
покажи белото лице сакам да го видам јас
О бре момче бре будало, убаво јабанџиче
од фурна бело симитче зарем не си видел ти...

Ој девојче, ти тетовско јаболче
покажи црните очи сакам да ги видам јас
О бре момче бре будало, убаво јабанџиче
в чаршија црните вериги зарем не си видел ти...

Ој девојче, ти тетовско јаболче
покажи рамната снага, сакам да ја видам јас
О бре момче бре будало, убаво јабанџиче
в градина т’нка топола зарем не си видел ти...


Пилето
(музика: Е. Христова, текст: Д. Сибиновски)

Ој мој пиле ле, лепо пиле биљбиље
аргафан, море, тр’ндафиљ, ќе меришеш пиле ти.
Карaфиљ имам капали, зимбили, море, алаџи
не можи, море, лудо ле, јаска не пеам за тебе.

Ој мој пиле ле, сванош сеш на пенџеро
елај си, море, при мене, дворјата ми се за тебе.
Дерови имам големи, и широка мој, ледина
ним’ дарвај ме лудо ле, рамни дворови мраморни.

Ој мој пиле ле, везден литај за мене
ќе ти дарвам небето, до дек ти пулат очите.
Ќе литна лудо, ќе литна, ќе литна со кумрии
јаска не сака лудо ле, да лита, лудо, за тебе.


Облаче
(музика: Е. Христова, текст: Д. Сибиновски)

Само една мисла и земјата не ја допирам
Патуваат очи боите на детските движења
Кај и да летам небото е исто
Облаци од пурпур дали јас сум таму родена

Нема да ги молам малите и бели ангели
да свират на лири и на харфи струни небески
дал виножитото има леб и вино
јас шепотам што си а не чуда недопирливи

Одам на прсти по сончеви зраци
и пар песни сонливи носам
чувај ме со светлост на само едно Сонце
сакам да врескам сакам да љубам

Пријди дојди смеј со мене
имам едно срце чука за тебе
гушни ме облаче види ме иста сум
насмеј се обравче ти крадешкум