MK | EN

За нас

БАКЛАВА е музичка група и својот прв официјален концерт го имаше во 2005 година. Од обработки на традиционални до свои, авторски песни, овој бенд изгради специфичен, акустичен и минималистички звук како дел од светската музика.

Поради природно создадениот квартет, македонскиот јазик го наметна името „баклава“, кој се употребува не само како термин за турскиот благ специјалитет, туку е синоним и на совршената геометриска форма на математичкиот ромб или хазардното „каро“. Истовремено е случаен симбол во македонската традиција, претставувајќи еднаквост, спој на различни култури во уметноста, но и четирите страни на светот.
БАКЛАВА по многу промени во составот, изобилува со вредни музички имиња кои свиреле заедно со Елена Баклава и Сибо, создавајќи музичка препознатливост, особено поради Елена.
Цртањето на совршената форма во звучниот простор продолжува, благодарение не само на музичарите, туку и на една огромна листа од имиња, од која секое име посебно претставува по една битна нијанса, за да се нацрта баклавата онака како што ја доживува нејзината публика.

Првиот албум е наречен по бендот. Додека „Баклава" (2007) е концертен, вториот „Калемар“ (2008) е студиски и претежно авторски албум. Третиот албум, Me mankas Mucho (Многу ми недостасуваш) (2011), е создаден по трагите на сефардските песни, кои природно го отсликуваат звукот на светската музика, спојувајќи повеќе музички стилови и јазици.
По многуте настапи дома и по Европа, музички спотови, документарен филм, албуми, конечно имаат учество и во играниот филм „Трето полувреме“ на Дарко Митревски. Во моментов, на концертите најчесто ги гледате Елена Христова (вокал), Дејан Сибиновски (деф), Дејан Теодосиевски (виолончело) и Петар Христов (кларинет, саксофон), Јордан Костов (армоника), Драган Стојковски (бас, тамбурут), Гоце Наумов (тапани)... ).