MK | EN

Пред вас, е едно музичко и поетско патување, низ простори и времиња, толку различни - а сепак толку блиски. Оваа прошетка, или еден вид премин - како да го запира времето и дава можност да допреме до минатото, за да продреме уште подлабоко и повторно се вратиме до бесконечноста, пркосејќи и на смртта.

Ќе слушнете шареноликост од бои, израз и длабоки емоции. Се проткајуваат суптилни мелодии и јазици, на разновидни народи, култури и религии - преточени во една иста душа. Она што пронижува е еден древен јазик, толку милозвучен и едноставен, полн со страст, љубов, страдање, болка. Ладино е јазик на Сефардите, Евреите од Шпанија. Нивната судбина е драматична - како и на сите прогонети. Пред вас, е едно музичко и поетско патување, низ простори и времиња, толку различни - а сепак толку блиски. Оваа прошетка, или еден вид премин - како да го запира времето и дава можност да допреме до минатото, за да продреме уште подлабоко и повторно се вратиме до бесконечноста, пркосејќи и на смртта.

Во 1492 беа принудени да ги напуштат своите огништа и да се разлеат низ Виена, Лондон, Амстердам, Алжир, Мароко, Ерусалим., но најмногу на Источен Медитеран - низ некогашните отомански земји, со центри во Истанбул, Солун, Измир, Сараево, Битола… Во новите простори, тие со себе ја носат својата автентична култура, традиција, јазик, но пред се - неверојатната естетика и способност за посебност. Наспроти можноста од стагнација и живење во пасивна и бескорисна традиција од старата земја - успеваат постојано да напредуваат и да се развиваат, при тоа задржувајки ја автентичноста. Отворајќи се целосно кон културата и музичко - поетскиот израз на своите нови сожители, ги примаат нивните влијанија во сржта на своето битисување.

Нивното музицирање, станува прегратка на средновековната, шпанска музика со специфичните мелизми од новите поднебја - со отоманските маками, а оттаму и со византиската. Создаваат егзотична музика, своја, сопствена, но и заедничка и универзална.

Богат е репертоарот на сефардискиte песни - канцони, хопли, романси, кантиги... На овие песни постојано налетувам во моите физички и духовни патувања. Едноставно, тие ми се толку блиски, како да се отсекогаш дел од мене. Тие се море, го чувствувам неговиот мирис и во него се нуркам, се подлабоко и подлабоко - посегнувајќи по моите предци. Се восхитувам, се радувам и тагувам, танцувам, пеам, страдам, плачам и се смејам со нив. Се вљубувам во нив, повторно и повторно - се повеќе и повеќе.

Фасцинирана од фактот дека една мелодија може да се преточи во голем број песни, на различни јазици, решив да продолжам со создавање и спојување. Во нашиот случај можат да се чујат традиционални песни со слични мелодии на ладино, македонски, турски, грчки, хебрејски, јидиш, босански, а исто така и да ја има мело-ритмичката структура на одредени поднебја и народи независно од јазикот. Како биле создавани овие песни? Кој е творецот? Тие се резултат на заедничарење и размена, а не на делба и докажување.

Поминувајќи низ нова средба, ново соединување, како и низ филтерот на духовните искуства што ние како музичари ги носиме од овие простори, овие песни се накалемуваат една на друга и се создаваат нови плодови.

Се надевам дека ова безвременско, музичко богатство ќе не спојува, и ќе ги насладува вашите емоции за на крај - сите да не надживее. Како старо вино во ново руво...

Елена Христова

 



Многу одамна, пред дедото на дедо ми, Сефардските Евреи тргнаа на далечен и неизвесен пат преку убавите земји. Кон денешните Мароко, Италија, Франција, Холандија, Тунис, Турција, Македонија... преку Солун за Битола, Скопје, Белград, Виена, Будимпешта... Америка, Египет, Израел, и уште кај ти не. Во новите земји, во потрага по нов дом... Со нив ја носеа и својата музика. Наоѓаа нови песни, подаруваа свои, добиваа други. Музиката се повеќе се збогатуваше. И сите ние, со неа... Некои од нив изградија дом, веднаш до куќата на дедото на дедо ми. Станаа соседи. Станаа пријатели. Станаа браќа. Тука, во Македонија. И донесоа свои песни. Донесоа и подарени песни. И ги подарија. И нив им подарија овдешни. Повторно се создаде неизбришлива трага која денес ја следам... Ова е приказна за сите нас, бидејќи и ние сме некому сосед, и некој нам. Како една порака: да делиме и да не се делиме.

Помина време. Доста време. И добро и зло...

Можеби не успеав да ги најдам сите траги, барајќи ја песната на моите соседи, ама ќе продолжам каде што тие застанаа. Да се плоти музиката една во друга, да се движи и расте, не дозволувајќи да остане заробена. Да остане прекрасна, ничија и наша. И секогаш да остава трага, за да можеме следејќи го нејзиното растење – да стигнеме до небото. Само таму, можеби, веќе нема да ни треба... Ова е дел од приказната, посветена на сите нас и на моите соседи. Неколку песни. За љубовта, страста, за празниците и тешките мигови... За недостасувањето... На различни јазици и култури – истите чувства. За да можам да ги чувам, пеам, слушам, да споделувам тајни... За да не се сеќавам дека сум изгубил. Да не морам никогаш да изустам: Me mankas mucho. Ми недостасуваш...

Сибо