Ако се загледате малку повнимателно, ќе сфатите дека сме опкружени со баклави. Нашиот прв голем предизвик е да ја (на)цртаме оваа совршена геометриска форма во звучниот простор.
Баклава е и моќен, исклучително благ десерт. Оној што вкусил баклава не може да остане рамнодушен. Нашиот втор предизвик е да продреме во тајните и рецептите на музичките деликатеси на македонската изворна музичка традиција.
Баклава е музички состав со минималистички музички концепт: звукот го градат само еден женски вокал и два жичани и ударни народни инструменти - тамбура и деф. Трет голем предизвик во музицирањето: едноставност и непретенциозност.
Освен за преработките на композиции од македонскиот фолклор, светогледот на групата Баклава е отворен и за други фолклорни традиции.
Но клучниот предизвик е создавање на авторска музика во жив дијалог со естетските дострели на македоскиот мелос.
Баклава е основана во 2005 година, како резултат на спојот на индивидуалните музички искуства на нејзините членови во сопствени музички проекти, но и во соработка со други музичари и групи.
По издавањето на првиот албум насловен „Баклава" (2007) на местото на Александар Стаматов (од првата постава) во групата влегува Владимир Мартиновски.
„Калемар“ е издаден во октомври 2008 година. Додека нивниот прв албум „Баклава“ е концертен, „Калемар“ е нивниот прв студиски албум. Се состои од 14 композиции од кои 11 се компонирани од бендот, а три се македонски традиционални песни.